Пропратни ефекти и компликации на ултразвучно водена склеротерапија со пена

Концепт на лекување на проширени вени во амбулантни услови, со ниски трошоци, резултира склеротерапијата да стане атрактивна опција, која станува сè попопуларна. Пронаоѓање метода на склеротерапија со пена овозможи да се намали концентрацијата и количина на склерозантно средство што се инјектира во вената со подобрена сигурност и подобри резултати во однос на класична склеротерапија.

До денес, склеротерапија со пена се покажа како делотворна во лекување на проширени вени во главното стебло, болни перфорантни вени, други проширени вени, како и ретикуларни вени и теленгиектазии (тнр. капилари).

Најчести компликации на склеротерапијата се: „матинг/matting“, хиперпигментации, некрози, алергиски реакции и тромбофлебитис. Од медицински аспект, наведените компликации се помали компликации, но можат да бидат многу вознемирувачки за пациентот. Поретки, но посериозни компликации се тромбоза на длабоките вени, тромбоемболиски компликации, давање на склерозантно средство во артериски крвен сад, повреда на периферните нерви.

Некроза на кожата најчесто се појавува кога склерозантното средство ќе излезе од крвниот сад во околното ткиво. Кај искусен лекар, оваа компликација е мошне ретка. Некроза на кожата може да се појави и во одредени случаи кога постои таканаречена артериовенска малформација и кога постои прекумерна локална компресија на местото каде е инјектирано склерозантното средство. Најважна превенција на овие компликации е внимателна и прецизна техника. На среќа, раните што се појавуваат се обично многу мали, до 4 мм промер. Овие рани спонтано зараснуваат со прифатлив естетски ефект.

„Матинг/Matting“ претставува појава на мали црвени нови венички кај пациентите кај кои е вршена склерозација или операција на вените. Овие промени се особено видливи на натколеницата, внатрешниот дел од глуждот и потколеницата. Процент на појавување изнесува 15-24%. „Матинг/Matting“ најчесто исчезнува после 3-12 месеци, а понекогаш може да остане трајно. Доколку се појават овие промени, се советува клиничко следење и доколку промените не се повлечат, потребно е склеротерапијата евентуално да се повтори.

Хиперпигментација е пробоеност на крвен сад, најчесто со кафеава боја, којшто е третиран со склеротерапија. Во 70% од случаи хиперпигментацијата се повлекува после 6 месеци, а во 10% од случаи трајно останува, но во понатамошниот план на лекување може да се третира со ласер.

Алергиските реакции можат да бидат локални и системски и се лекуваат на класичен начин на лекување алергии.

Тромбоемболиски компликации се мошне сериозни, но исто така и мошне ретки компликации. Во големите студии, забележано е околу 1% тромбози на длабоките вени, додека емболиските компликации се многу, многу ретки.

Површински тромбофлебитис е релативно безопасна компликација, којашто се појавува најчесто на вториот ден од интервенцијата, а после 4 дена поминува спонтано.