Ласер ги лекува проширените вени

Ендовенски ласерски третман (ЕВЛА/EVLA) е мошне ефикасна, минимално инвазивна процедура за лекување на проширените вени. Таа е една од најсовремените методи за лекување на проширените вени, што во светската медицина се применува веќе многу години, во текот на кои се покажа како мошне ефикасна (успешноста на лекувањето е од 98% и повеќе) и непроблематична по прашање на компликации, поради што стана мошне популарна ширум светот.

КАКОВ УЧИНОК ИМА ЛАСЕРОТ?

Топлината која се ослободува на врвот од ласерската сонда (фототермички ефект), предизвикува промени внатре и во ѕидот на венскиот крвен сад, после што доаѓа до собирање на вената. Крајната последица е затворање на протокот на крв преку третираниот дел на вената.

ТЕК НА ЛЕКУВАЊЕ

Пред операцијата се врши ултразвучен преглед. Потоа, во локална анестезија се вметнува сондата на ласерот во вената, а потоа под контрола на ултразвук околу вената се убризгува раствор за тумесцентна анестезија. Потоа започнува терапија со ласер, која трае околу 45 минути. Третманот се завршува со облекување на компресивна чорапа. Целата процедура се изведува во локална анестезија, па пациентот може да биде отпустен дома веднаш по операцијата. Пациентите после третманот брзо се опоравуваат, со препорачана дневна прошетка од 15-20 минути и многу брзо можат да им се вратат на своите редовни дневни и работни обврски.

Пропратни појави после лекување со ласер

Модринки на кожата, мал оток и чувство на напнатост или болка се нормални појави и вообичаено исчезнуваат после неколку дена. Повреди на артериите во близина на третираното подрачје се мошне ретки. Самата процедура може да влијае врз нервите што се наоѓаат на локациите блиску до вените, но овие феномени се многу поретки отколку кај класичната операција на вените. Во овој случај, пациентите чувствуваат помала вкочанетост, скокоткање или некои други сензации. Во поедини случаи можат да се појават болни лузни на кожата, келоиди. Други компликации, инфекција, емболии, тромбози се мошне ретки.

Повеќето несакани ефекти се од минлив карактер, црвенило, болка во препона, во бутина, како резултат на топлотниот ефект на ласерот. Болката е најизразена 3-5 дена по операцијата. Сите овие видови на проблеми исчезнуваат во наредни неколку дена. Во споредба со класичната операција (стрипинг), сите наведени појави се минорни, а просечна количина и обем на тие појави се многу помали, додека закрепнувањето е повеќе пати побрзо.

Извор: www.estetska.com