Длабока венска тромбоза

Длабока венска тромбоза е создавање на тромб во вените каде било во организмот. По правило, се јавува кај постари лица, но може да се појави на која било животна возраст. Најчество ги фаќа нозете, поретко рацете, што е случај со лица која вршат физички активности, креваат или носат тешки товари. Загрозени се и тие што мораат да бидат во кревет поради болест, оперативни захвати, лица со малигни заболувања. Инфекции и воспаленија, исто така, го зголемуваат ризикот од тромбоза.

Кај здрави лица може да постои и генетска предиспозиција за тромбоза предизвикана со пореметување на згрутчување на крвта, но и кај нив постои провоцирачки фактор што доведува до пореметувањето.

Со цел превенција на венската тромбоза, здравите лица треба да одбегнуваат долготрајни седења или долго стоење. Со оглед на тоа дека понекогаш поради видот на работа или ситуација тоа е невозможно, тогаш нозете треба повремено да се разгибаваат.

duboka venska tromboza Симптоми на длабока венска тромбоза се натечени, чувствителни или црвени подрачја на ногата, вкочанетост и болка при одење или наслонување на нога. Во некои счуаи, симптомите на тромбоза можат да бидат неприметни и непрепознатливи. Тромбозата не е толку тешка болест, но може да има последици опасни по живот. На пример, доколку тромбот се откине и отиде до белите дробови, може да предизвика белодробна емболија. Доколку и не дојде до белодробна емболија, нелекуваната длабока венска тромбоза може да предизвика и постромботски синдром – трајно оштетување на залистоците на длабоките вени, што за резултат има хронично отекување на ногата, болки, а во потешки случаи доведува и до појавување на венски улкус (рани). Нелекувана длабока венска тромбоза може да доведе и до развивање на исхемија на ногата поради блокада на циркулацијата во ногата.

Исхемија се манифестира со болки, развивање на рани на нозете, инфекција или дури и гангрена. Со зголемен ризик од длабока венска тромбоза се луѓето со заболувања на срцето и црниот дроб, гојазни и анемични, како и луѓе неактивни после трауматски повреди или фрактури, бремени жени. Повеќето од пациентите не ја разбираат сериозноста на оваа состојба. Неправилното лекување и лошите резултати придонесуваат до појава на инвалидитет и невозможност за вршење на професионални должности. Лекување на длабока венска тромбоза е во надлежност на васкуларен хирург. Дијагнозата на длабока венска тромбоза се поставува со увид во клиничка слика на пациентот, а степен на оштетување на венската циркулација со ултразвучна сонографија, со која се добива на увид слика на длабоки и површински вени и нивни залистоци, што е важно при одлучувањето која терапија треба да се примени.

Длабока венска тромбоза може да се појави и како компликација при воспаление на површинскиот венски систем. Во проширените површински вени може да дојде до создавање на воспаление и тромб, кој може да се прошири и кон длабокиот венски систем и така да доведе до сериозни горе наведени компликации.